Денес, директорот на Клиничката болница Тетово, д-р спец. Ерзен Елези, оствари официјална средба со министерот за екологија, Мухамет Хоџа, заедно со неговиот тим од министерството.
Средбата беше фокусирана на прашање од особена важност за животната средина и јавното здравје, конкретно на модернизацијата на системот за греење во оваа здравствена установа.
За време на состанокот беше разгледана можноста за премин од постојниот систем за греење на нафта кон посовремен и поеколошки систем, базиран на користење на природен гас. Оваа трансформација претставува значаен чекор кон намалување на загадувањето на воздухот, преку намалување на емисиите на штетни гасови кои произлегуваат од користењето на нафта, придонесувајќи директно кон подобрување на квалитетот на воздухот во Тетово.
Министерот Хоџа истакна дека подобрувањето на квалитетот на воздухот останува еден од главните приоритети на министерството, нагласувајќи дека реализацијата на вакви проекти има директно влијание врз намалувањето на загадувањето и унапредувањето на еколошките стандарди. Тој додаде дека користењето на гас како поеколошка алтернатива ќе придонесе за севкупно подобрување на воздухот во Тетово, град кој постојано се соочува со предизвици во оваа насока.
Од своја страна, директорот Елези ја истакна итната потреба за реализација на оваа инвестиција, потенцирајќи дека актуелниот систем за греење на нафта е дотраен, економски поскап и со значително негативно влијание врз животната средина. Тој исто така изрази подготвеност за континуирана институционална соработка со цел имплементација на овој проект.
На крајот од средбата, страните се согласија да преземат конкретни чекори во наредните фази, со цел реализација на проектот за нов систем за греење, со цел подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на животната средина во Тетово.









